Navigation path

ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛОВЕНСКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

[English]

Општествено-економски профил

Поранешната Југословенска Република Македонија е земја во транзиција. Иако Владата воспоставува постабилна економска средина и инфлацијата е релативно ниска, економската криза што ги погоди глобалните финансиски пазари ја погоди и земјата. Бидејќи таа сè уште работи во насока на воспоставување функционална економија, турбуленциите имаа особено силно влијание врз неа.

Економската активност во голема мера се забави, делумно поради сè помалата побарувачка на производи од земјата на пазарите на ЕУ. Со оглед на тоа дека ЕУ е главен трговски партнер на Поранешната Југословенска Република Македонија, ова е особено загрижувачки тренд, бидејќи може да доведе до намалување на порастот, кој и онака се движи со забавено темпо. Ова значи дека бројот на работни места, исто така, ќе се намали, а тешките меѓународни околности уште повеќе го отежнуваат подобрувањето на ситуацијата.

За да се реши проблемот со неквалификуваната работна сила, јавните инвестиции во образованието се искачија од 3% БДП во 2006 година на 4,7% во 2011 година. Но поновите податоци покажуваат дека кога станува збор за бројката на 30-34-годишни лица со универзитетско образование, земјата има помалку од половина од просекот на ЕУ, а 34% од жените од ромската заедница не го продолжуваат своето образование по завршувањето на основното училиште.

Со оглед на тоа дека неодамнешната статистика покажа дека 30,9% од населението живее под прагот на сиромаштијата, а стапката на невработеност е една од највисоките во Европа, поддршката од ЕУ има суштинско значење за политиките на вработување и социјалните политики во земјата.

Насочување на поддршката во Поранешната Југословенска Република Македонија

За да им се помогне на земјите кои се во процес на пристапување кон ЕУ, Европската комисија го воспостави Инструментот за претпристапна помош или ИПА.

Една од клучните цели на ИПА е да ги подготви земјите да раководат со програмите од кои ќе добиваат поддршка откако тие ќе влезат во ЕУ, како што е Европскиот социјален фонд (European Social Fund) (ЕСФ). Проектите финансирани од ИПА, кои се занимаваат со развој на човечки ресурси, имаат три главни приоритети: вработување и задржување на работното место; подобрување на образовниот систем и системот на обука за да се обезбеди земјата да има флексибилна и приспособлива работна сила; и вклучување на маргинализираните групи во работната сила.

Оперативната програма за развој на човечки ресурси за 2007-2013 година ја идентификуваше потребата од надминување на следните предизвици со помош на ИПА.

Усогласување на вештините со пазарот на труд

Поради недостигот од квалификувана работна сила, бизнисите во земјата не напредуваат. Неодамнешните истражувања покажаа дека за фирмите, ограничувањето поради недостиг на вештини станува сè поголемо. Овој проблем, доколку не се реши, ќе продолжи да ја отежнува модернизацијата и продуктивноста на економијата.

Ангажирање на сите капацитети

Друг проблем е вклученоста. Ромското население, жените, луѓето од регионот Полог, долгорочно невработените, постарите работници и недоволно квалификуваните се во неповолна ситуација на пазарот на труд. Со толку бројно население што се наоѓа на маргините и со втора најголема стапка на невработеност во Европа (31,6%), очигледно е дека земјата не го искористува максимално својот потенцијал.

ИПА – поддршка онаму каде што таа е потребна

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) ги поддржува земјите-кандидати и потенцијалните кандидати во нивниот развој на начин кој ќе им овозможи да се справат со социјалните предизвици и да бидат од корист за целото општество. Тој е заснован врз силното чувство на солидарност што постои меѓу ЕУ и земјите со кои се граничи – земјите со кои ЕУ одржува трајни трговски, историски и културни врски. ИПА е насочена кон земјите што се во процес на пристапување во ЕУ.

Од 2007-2011 година, ИПА има наменето 39 милиони евра за развој на човечки ресурси во Поранешната Југословенска Република Македонија земјата (од кои 33,5 милиони евра се директно од ЕУ).

  • 41% беа искористени за подобрување на економијата преку поддршка на: Агенцијата за вработување при нејзиното раководење со националниот акциски план; мерките чија цел беше помагање на младите, жените и долгорочно невработените да најдат работа; и акциите за пријавување на непријавените работници на работните места.
  • 30% беа насочени кон подобрување на образовниот систем преку поддршка на: општото образование и образованието за возрасни; доживотното учење и пристапот на етничките заедници до образовниот процес.
  • 23% од фондовите се фокусираа на промовирање на вклученоста, во социјална смисла и на пазарот на труд.
  • 7% беа дадени за техничка поддршка за да им се помогне на луѓето да раководат со програмите за развој на човечките ресурси.

Финансиски план

Владата на Поранешната Југословенска Република Македонија учествува со 15% од финансирањето на ИПА проектите, а Комисијата обезбедува 85%. Кога ќе се земат предвид обата процента, цифрите на годишно ниво покажуваат дека во текот на периодот од 2007 до 2013 година распределени се вкупно 64,8 милиони евра.

Од вкупната распределба на ИПА фондовите за Поранешната Југословенска Република Македонија, делот за социјален развој има добиено 10% од буџетот во текот на периодот од 2007 до 2013 година.

Распределба преку ИПА за развој на човечки ресурси од Комисијата, во милиони евра:

2007

2008

2009

2010

2011

2012

2013

3,2

6

7,1

8,4

8

10,38

11,2